Во Белград претпладнево беше отворена конференцијата „Western Balkans 2030 - Пресвртна точка за регионот“, на која присуствуваат министри, претставници на ЕУ, меѓународни институции и водечки бизнис лидери со цел заеднички да ги дефинираат насоките на идниот развој на Западен Балкан.
Конференцијата има за цел, како што беше наведено на отворањето, да го истакне потенцијалот на регионот да придонесе за создавање поконкурентна, одржлива и поврзана Европа.
Исто така, беше нагласено дека целта на конференцијата е да се воспостави како годишен форум за дијалог и соработка и како место каде што идеите се трансформираат во конкретни акции и партнерства.
Слоганот на овој собир, кој се одржува во Сава центарот, е „Една соба. Еден ден. Вистинско влијание“.(One room. One day. Real impact.)
Амбасадорот на Италија во Србија, Лука Гори, изјави дека процесот на проширување на ЕУ кон Западен Балкан денес има ново геополитичко значење и повторно е високо на европската агенда.
„По години замор од проширувањето, војната во Украина донесе нова свест и проширувањето сега е безбедносен елемент за Европа“, рече тој. Гори оцени дека ЕУ мора да ги усогласи трансформативните и геополитичките димензии на процесот, нагласувајќи дека реформите бараат време, но дека геополитичката игра е веќе во тек.
Според енго, ЕУ мора да ги реформира сопствените институции за да биде подготвена да прими нови членови и да го забрза процесот на пристапување.
Тој нагласи дека не можат да бидат задоволни ако само Црна Гора и Албанија влезат во ЕУ, додавајќи дека Италија сака сите земји од регионот да станат членки, бидејќи тоа е единствениот начин да се обезбеди стабилност и просперитет на Балканот.
„Сакаме да ги поттикнеме сите земји од регионот да станат членки на ЕУ бидејќи веруваме дека всушност не можеме да создадеме нови пејзажи само со две земји, мора да имаме сè. Но, тоа не зависи од нас, многу зависи од владите на овие земји, особено од владата на Србија, и ја охрабруваме владата на Србија, особено, да им подаде рака на Црна Гора и Албанија и сите тие да станат нови членки на ЕУ што е можно поскоро“, рече Гори.
Постојаната координаторка на ОН во Србија, Матилде Мордт, изјави дека трансформациите и инвестирањето во луѓето се клучни за постигнување на целите за одржлив развој до 2030 година. Таа рече дека процесот на трансформација е веќе во тек и дека досега се постигнати околу 70 проценти од поставените цели.
Според неа, 2030 година претставува рок за исполнување на Агендата за одржлив развој, но и тој рок да се совпадне со процесите на европска интеграција.
Мордт ја истакна важноста на човечкиот капитал, образованието и дигитализацијата како основа за одржлив раст, додавајќи дека силните институции, доброто управување и создавањето функционално општество се основа на стабилна средина што привлекува инвестиции.
Денешната конференција е организирана од списанието „The Region“ со поддршка на Европската инвестициска банка (ЕИБ) и Канцеларијата на Обединетите нации за проектни услуги (УНОПС).
Панелите што се одржуваат се посветени на регионалната интеграција и пристапувањето кон ЕУ, зелената транзиција и дигитализацијата.

