Штрајкот во некои училишта во Србија продолжува со прекин на наставата или скратени часови

3.02.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Штрајкот во некои училишта во Србија продолжува со прекин на наставата или скратени часови

 Дел од училиштата во Србија продолжуваат со штрајкот, или преку прекин на наставата или со скратени часови, како поддршка за студентите и израз на незадоволство од договорот за Посебниот колективен договор, постигнат меѓу репрезентативните синдикати и Владата, јави РТС.

Некои училишта донесоа одлука за прекин само за денеска, додека за наредните денови допрва ќе одлучуваат, додека други веќе решија да не одржуваат настава цела недела или до понатамошно известување, соопштија од Независниот синдикат на просветните работници на Србија (НСПРС), кој не е репрезентативен.

Од НСПРС нагласуваат дека е тешко да се утврди точниот број училишта што штрајкуваат, но потенцираат дека протестите продолжуваат и покрај тоа што репрезентативните синдикати се согласија на мораториум на штрајковите со потпишувањето на Посебниот колективен договор.

Независниот синдикат одлучи наставата во училиштата каде што членуваат нивни наставници да остане во прекин до понатамошно известување, без намера за повлекување на оваа одлука.

Штрајкот започна на 20 јануари, кога требаше да почне второто полугодие, како знак на поддршка за студентите и нивните барања, но и како реакција на договорот на репрезентативните синдикати со Владата за покачување на платите. 

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата