Коцијанчиќ му одговори на Вучиќ: Прво критериуми, па членство за Србија во ЕУ

Пред приемот во Европската Унија (ЕУ), Србија мора да ги исполни јасно дефинираните критериуми и да продолжи да работи на договорот за нормализација на односите со Косово, изјави за РСЕ портпаролката на високата претставничка на ЕУ, Маја Коцијанчиќ.

На овој начин таа одговори на пораката на претседателот на Србија, Александар Вучиќ кој вчера во интервју за „Ројтерс“ рече дека во случај на постигнување на договор со Приштина, Србија треба да добие јасни гаранции дека ќе стане членка на Унијата до 2025 година.

Европската Унија, потсети Коцијанчиќ, има два важни елементи врз кои го базира пристапот кога станува збор за проширувањето.

„Европската комисија во Стратегијата за Западен Балкан определи индикативен датум, но јасно рече дека критериумите мораат да бидат исполнети. Тоа е клуч што во рацете го има само Србија. Значи, Србија е таа која мора да го направи она што е потребно за напредок во процесот на проширување. Истотака, јасно е определено и дека мора да продолжи да работи на договорот помеѓу Белград и Приштина за сеопфатна нормализација на односите. Оваа работа е во тек и ние бевме јасни какви се нашите очекувања“, рече Коцијанчиќ.

Високата претставничка на ЕУ за заедничка надворешна политика и безбедност, Федерика Могерини изјави дека и понатаму верува оти договорот помеѓу Србија и Косово за сеопфатна нормализација на односите и понатаму е возможен.

извор: Makfax

Поврзани

Најнови вести

Коментари