„Истрага“: САД побарале оставка од Високиот претставник во БиХ, но тој одбил затоа што „Берлин одлучувал за него“

1.11.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
„Истрага“: САД побарале оставка од Високиот претставник во БиХ, но тој одбил затоа што „Берлин одлучувал за него“

Американски дипломати побарале од Кристијан Шмит да поднесе оставка од функцијата висок претставник за БиХ, но, тој го одбил барањето, наведувајќи дека е силно поддржан од Германија, која го предложила за оваа висока функција, и дека само Берлин може да одлучи за негово отстранување, јави денеска сараевскиот портал „Истрага“ (Istraga.ba), повикувајќи се на неколку неименувани дипломатски извори.

Во текстот се наведува дека ова се случувало во последните два месеца, откако Вашингтон постигна договор со поранешниот претседател на Република Српска (РС) и лидер на владејачкиот Сојуз на независни социјалдемократи (СНСД) Милорад Додик и српската членка на Претседателството на БиХ Жељка Цвијановиќ, според кој резултатот од тој договор требало да биде отстранување на Шмит од позицијата висок претставник.

Сараевскиот портал пишува дека оваа година Амбасадата на САД во Босна и Херцеговина доцнела со исплатата на траншите за финансирање на Канцеларијата на високиот претставник (КВП) и дека, по Европската Унија (ЕУ), таа издвојува најмногу средства за нејзино финансирање.

Понатаму се проценува дека од мај оваа година, Канцеларијата ја изгубила својата важност за американската дипломатија.

Според информациите на Истрагата, опстанокот на КВП не е доведен во прашање, но Американците инсистираат Канцеларијата повеќе да не ги користи „бонските овластувања“ и бараат Шмит да биде отстранет од позицијата висок претставник во согласност со договорот меѓу Вашингтон и Бања Лука.

Се додава дека, за разлика од Американците, Германците се обидуваат токму спротивното - да ја зајакнат позицијата на Шмит. Имено, „Берлин одлучи повторно да го активира својот пензиониран долгогодишен дипломат Кристијан Хелбах и да го испрати во КВП како советник на Кристијан Шмит. Пред десет години Хелбах беше германски амбасадор во Босна и Херцеговина и има богато искуство во дипломатијата“, пишува порталот „Истрага“.

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата