Белери во Химара дочекан како херој, најави дека правдата ќе ја бара во Стразбург

3.09.2024
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Белери во Химара дочекан како херој, најави дека правдата ќе ја бара во Стразбург

Во првата изјава за медиумите тој рече дека ќе ја продолжи правната битка во Судот во Стразбур и доколку се покаже дека е невин, во што е убеден, повторно ќе се кандидира за градоначалник на Химара.

- Ќе ја продолжам правната битка во Стразбур. Овој случај ќе биде затворен во Стразбур каде  ќе ја барам правда. Кога ќе се донесе одлуката во Стразбур и ако бидам прогласен за невин, што всушност е вистина,  секако дека ќе се кандидирам за градоначалник, рече Белери.

Дополнителните  избори за градоначалник на Химара, одржани на 4 август  ги оцени како незаконски.

Додаде дека тој е победник на општина Химара и оти „неправедно му го одзела  мандатот владата на премиерот Еди Рама".

- На изборите што се одржаа на 14 мај 2023 јас излегов како победник, изборите што се одржаа на 4 август годинава беа незаконски. Незаконски беше моето разрешување, незаконски беше указот за повторување на изборите и незаконски беа одлуките на премиерот да ја вмеша целата држава и мафијата за да победи на избори, рече Белери.

Се задржа и на добивањето на мандатот на европратеник и работата што ќе ја има како претставник на Нова демократија во Европскиот парламент. Рече дека „со можноста што ќе ја има, ќе го крене гласот во Европскиот парламент за правдата во Албанија“.

Белери, доби условно ослободување од затвор, каде беше од 12 мај минатата година, кога на два дена пред локалните избори беше уапсен под обвинение за изборна корупција.

Иако во затвор, тој беше реизбран за градоначалник на општина Химара, но не даде заклетва по што беа спроведени дополнителни избори на 4 август на кои за градоначалник беше избран Вангѓел Таво, кандидат на Социјалистичката партија на Рама. /МИА

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата