Нов закон за основно образование

Се намалува бројот на часови за учениците

Децата од 1 до 3 одделение може да имаат најмногу 4 училишни часови во текот на денот, предвидува новиот закон за основно образование кој денеска го презентира Министерството за образование и наука.

Работни саботи веќе нема да има а ќе се остави простор за 5 дена помалку настава доколку за тоа се укаже потреба. Наместо досегашните минимум 180 работни денови годишно, бројката ќе се спушти на 175.
Учениците од 4 до 6 одделение ќе може да имаат неделно најмногу 25 часа, а оние од 7 до 9 одделение ќе имаат најмногу до 30 часа

Со законот ќе се регулираат и неработните денови за наставниот кадар во текот на зимскиот распуст. Најмалку половина од деновите од распустот ќе бидат платени неработни денови, кои не се дел од годишниот одмор на наставникот.

Намалување на бројот на ученици во паралелка, надворешна евалуација за рангирање на основните училишта, ограничување на надлежностите на директорите т.е. нивно преземање од Наставничкиот совет, советување на родители чии деца користат говор на омраза, можности за напредок на талентирани ученици – се исто така меѓу планираните измени на Законот.

Коментари и мислења МОН очекува во рок од еден месец и оние што ќе бидат прифатливи ќе влезат во нова верзија на законот која ќе биде пратена во Собранието. Целта е тој да биде донесен пред почетокот на новата учебна година.

Предметните наставниците кои немаат доволно часови може да бидат ангажирани на одржување на интегрираната база на податоци, одржување на веб-страницата, е-дневникот на училиштето и други обврски поврзани со компјутерската работа во училиштето за што ќе добиваат три, шест или осум часови во фондот на часови во зависност од бројот на ученици.

Повеќе ќе нема настава во саботите. Бројот на наставни денови нема да биде фиксно утврден со цел да се избегне одработување на часови во саботите за кои, рече Дескоска, се покажало дека не се ефективни денови за настава. Со овој закон се предлага наставата во учебната година да се остварува од 175 до 180 наставни дена, што ќе се утврдува со Календар на настава што ќе го носи министерството.

Надворешна евалуација на училиштата ќе биде основа за нивно рангирање и ќе ја спроведува Државниот испитен центар. Притоа ќе се вреднуваат учеството и постигнувањата на меѓународни и државни натпревари. Вработените во најдобро рангираното училиште ќе примаат додаток на платата во износ од 30 проценти во наредните 12 месеци.

Нутритивниот квалитет на храната и оброците за учениците ќе ги утврдува Институтот и центрите за јавно здравје во Република Македонија, а Советот на родители може да побара вонреден инспекциски надзор дали училишните оброци се во согласност со стандардите за исхрана.

Министерката Дескоска очекува со новините во Законот да бидат мотивирани и наставниците, и учениците зашто измените, рече, се во нивни интерес.

Поврзани

Најнови вести

Коментари