Мицкоски: Прибираме информации и документи и набрзо ќе ја информираме јавноста за криминалот на Владата

Најголемиот бран на сомнителни договори е по укинувањето на Советот за јавни набавки што го направи оваа влада, вели Мицкоски. 

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски тврди дека има бројни документи и информации за криминал кој како што вели се реализира на повеќе нивоа низ ешалоните. Во интервју за Република тој посочува дека се прецизно се прибира и наскоро ќе биде објавено пред јавноста.

„До нас стигнуваат бројни документи и информации за криминал кој се реализира на повеќе нивоа низ ешалоните. Обични граѓани доаѓаат и сведочат за голготата низ која минуваат за обични работи што треба да ги завршат. Бизнисмени сведочат за криминални дејства, но и луѓе од институциите со кои раководи Владата. Тие ни даваат информации и велат ваков грабеж немало досега. Ние прецизно прибираме и многу набрзо ќе ја информираме јавноста“, вели Мицкоски.

Дел од сознанијата веќе се објавени вели тој, но најавува:

„Јавноста ќе дознае како се поништува активен тендер за ископ на јаглен во ЕЛЕМ и наместо да се избере втората најдобра понуда, се прави нов тендер со цена повисока за еден милион евра, притоа се пропишуваат услови кои може да ги исполни само една фирма во државава, па откако ќе стане очигледно дека се фатени во тесно, прават преправање на огласот и лажат за тоа. Ќе дознае и како, во друг случај, фирмата на партиски функционер на партијата на власт добива тендери од државна институција притоа со пропишани услови кои само неговата фирма може да ги исполни. Како се прави набавка на храна во одредени установи по двојно повисоки цени за да ги добие фирма блиска до власта. Како, во четврти случај, се прават милионски набавки во четири очи во здравството за тендерите да ги добие една компанија која е во најтесни врски со директорка на една од клиниките. Како се склучуваат договори за привремени вработувања со фирми блиски до власта и ред други случаи во кои постојат основани сомневања за криминал“. 

Сега обвинува Мицкоски никој нема контрола, што е можност во четири очи да се договараат тендерите. Најголемиот бран на сомнителни договори уверува тој е по укинувањето на Советот за јавни набавки што го направи оваа влада.

„Зошто криминалот станува основната дејност на владата? Бидејќи знаат дека кратко ќе траат и наместо на работа, се фрлија на сомнителни бизниси и криминогени активности, бараат можност како може во овој кус период да се наполнат џебови и за народот ништо да не остане. Народот наместо ветениот живот доби криминален картел на власт“

Поврзани

Најнови вести

Коментари