Весник тема

Еврејско маало, Скопје. Без време и белег

Еврејското маало во Скопје, познато и како Чивутско (Чивутана) се наоѓало под скопското Кале, во продолжение на Пајко маало и се сметало за постара етничка колонија од дојденците во овие предели. Европските патеписци, Евреите ги спомнуваат уште во средниот век и ги сметаат за најстари жители на Скопје од вонбалканските доселеници. Тие, главно "компактно живееле во Еврејското маало", но ги имало и во другите маала. Еврејското маало постепено од населба за живеење го менувало својот изглед. Биле изградени неколку кафеани со бавчи, голем број приватни куќи, а било изградено и училиште.Турците го нарекле „Јахуди-хане". Ова маало не било секогаш на исто место. Со сигурност не може да се утврди каде биле синагогите и заштитниот ѕид што се споменуваат во 1689 година. По пожарите, поплавите, земјотресите и по војните, маалото или негови делови ја менувале местоположбата.

Во археолошките ископини вршени помеѓу двете светски војни и по нив, сè до катастрофалниот земјотрес во 1963 година, најдени се многу темели на ѕидини на градби. Исто така, треба да се знае и дека маалото не функционирало како гето, па така Евреите имале право да живеат и живееле и надвор од границите на маалото, додека во самото маало немало не-Евреи. Од рабинската литература може да се дознае дека еврејските маала во Османлиската империја се создавани по иницијатива на самите Евреи, а не по наредба на световните или на верските власти.

За време на османлинскиот период во Македонија, Еврејското маало било опградено со ѕидини и порти, најмногу од морален карактер и спречување на Турците да навраќаат во самото маало.

Од хебрејски извори може да се дознае дека во еврејското маало во Скопје имало една средишна улица, од која се двоеле многу улички и сокаци. Во маалото имало мали куќи и без малку никакви дворови, поради големата стеснетост. 

Животот во маалото бил прекинат на 11 март 1942 година, кога бугарските окупаторски власти ги депортирале Евреите низ концентрациските логори, каде скоро сите биле мачени и убиени, а нивните имоти запленети.

Маалото после катастрофалниот земјотрес во Скопје од 1963 година било срушено, а денес во средиштето на негово место се наоѓа Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Македонија.

Маалото сѐ до крајот на XIX век, било едно од најсиромашните и најконзервативните квартови на Скопје до кое не допреле речиси никакви промени. Во почетокот на XX век, со збогатувањето на неговите жители на овој простор започнале да никнуваат поголеми и поубави куќи со евроспки архитектонски елементи на градба и стилови, кои почнале да го менуваат неговиот изглед, особено по должината на реката Вардар. Таков е примерот со Народен театар, чија изградба траела во периодот 1921-1927 година, како и зградата на скопската општина, урната во земјотресот од 1963 година.

Маалото го губи еврејскиот идентитет со депортирањето на неговите жители во концентрацискиот логор Треблинка во март 1943 година.

По земјотресот ова маало е урнато и на негово место се направени улици и меѓуградската автобуска станица на чие место денеска постои музеј посветен на холокаустот.

Зградата на скопската општина, како и некогашниот Народниот театар, граден од 1921 до 1927 година кој е денес возобновен со градба по проектот од пред Втората светска војна бил изграден во ова маало. И двете градби се урнати по земјотресот во 1963 година. Постои изрека според која"... Евреите наоѓаат корист таму каде што христијанските трговци не ни помислуваат да се ангажираат". 

Овие зборови напишани за Евреите уште во 18 век се однесувале и на скопските Евреи кои помеѓу двете светски војни биле едни од главните трговци во градот. За тоа сведочат архивските документи во кои се среќаваат Евреи трговци: Арон и Син, Исак Јуда Абоав со агентурно - комисиони дуќани, Хаим Соломон Талви со галантериски дуќан; Меркадо Камхи со дуќан за метални производи; Фердо Краус со архитектонско - градежно претпријатие; Цеви Б. Аврам, Давид Менахем - трговци со европски производи; Хаим С. Ароести со кожарска работилница; Самуел Асаел, Симха Израил со дуќани на комисиони производи; Базар Камхи, Јахијел Камхи и Јаков Коен и Ком. Јаков Моис Ханеи со текстилни работилници и многумина други. (Архив на град Скопје, Фонд 134. Текстилно-индустриско претпријатие "Димо Трајковски и Син"-Скопје, Адресар трговачких и индустриских предузећа за Скопље 1923-1925, Скопље 1923, 71-92).

Евреите биле вклучени во сите дејности од тогашниот живот во градот - трговци, занаетчии, интелектуалци. Нивната ученост била широко позната, од Ниш до Грција, а меѓу скопските Евреи имало и неколкумина добри лекари: Лекари, Евреи во Скопје во 1928 год. биле д-р Амодај Самуило (Хигиенски завод), Насим Аврам и Изи Моло.

Како сопственици на комисион продавници, увозни петпријатија и слично се спомнуваат Езра Мика М., Коен Азриел, Коен Елезар, Леви С.М. Леон Исак, Менахем и Леви, Мизрахи Јосеф итн. Со трговија со памук се занимавале Ароести, Хаим и Асео Сабетај, со продавање на таканаречен "син порцелан" се занимавале Гершон Моша и Синови, Ергас Аврам М., Ергас Мушон, Камхи Ависај, Камхи Меркадо и Синови, Коен Јохан Соломон и други. (Владимир А. Рибин, "Пословни адресар", Скопље, 1928 год).

Материјалната култура на Евреите, особено облеката, се менувала според различни влијанија, додека некои религиозни предмети биле задржани. За време на турското владеење, на Евреите им било забрането носење на зелена боја и свила, а постоела забрана и во однос на бојата на фесот, тулбенот и обувките. Спецфичност за мажите- Евреи била "чита" - задолжителна капа без која тие на смееле "да разговараат со Господ". Евреите Ашкенази кои потекнуваат од Германија, како незначителен дел од овој народ во Скопје (поголемиот дел се Сафарди кои потекнуваат од Шпанија) ја прифатиле облеката на Средна и Источна Европа. (Еуген Вербер, " Увод у јеврејску веру", Београд 1933, 118-119)

Денес во куќата на скопскиот Евреин Сион Јосиф на рамот од влезната врата на нејзината десна страна, а во висина на возрасен човек, е закачена "мезуза", наведната кон внатрешната просторија на куќата. Тоа е верски белег, поврзан со ритуалниот допир до него со цел да се заштити куќата и оној кој влегува или излегува низ вратата.

Во Еврејското маало се граделе многу убави куќи, градени според градски стил а уредени според нивните потреби и обичаи..

При влегувањето и излегувањето Евреинот со прстите прво ја допира "мезузата", а потоа своите усни. Ваквите обележја биле чести во еврејските куќи и се задржале и до денес. Изработката и носењето на амулети (амајлии) и украси кај Евреите, според верските обичаи, најчесто претставувало верски симбол со " еврејско писмо". Нив ги носеле и скопските Евреи како накит.

Побогатите еврејски фамилии имале интарзирани скринови со седеф. За жал, по депортирањето на скопските Евреи за време на Втората светска војна, речиси ништо не се сочувало од еврејската покуќнина. Од друга страна, земјотресот во Скопје во 1963 година го докрајчил и она што останало од архитектурата во Еврејското маало.

Некои предмети од еврејските куќи во ова маало и од Еврејската синагога во Скопје се наоѓаат во Белград. Така, за време на изложбата на авторот Верена Хан "Уметничка касела во Југославија" во Музејот на применетата уметност во Белград во 1961 година, биле изложени две извонредни касели од 17 век со еврејска симболика - Давидова ѕвеѕда и инкрустација од седеф и коска. Едната од овие две касели била сопственост на приватно лице, а втората била од збирката на споменатиот Музеј во Белград. Меѓутоа, според легендите запишани во каталогот на оваа изложба, и двете касели потекнуваат од Македонија.

Евреите и Македнците имале и мешани бракови, а во Еврејското маало свои трговии и куќи имале и тогаш познати македонски фамилии.

Фамилијата Велкови води потекло од селото Градовци, кое се наоѓа во близината на селото Зелениково. Велко Тошев во средината на 19 век се преселил во Орешани каде што работел како наполичар на чифликот на некој турски бег. Во 1860 год. Велко Тошев дошол во Скопје и работел на изградбата на пругата Скопје-Солун во 1873 год. Работел во каменолом каде што со воловска кола пренесувал камен. Кога собрал доволно пари, тој купил плац на десната страна на реката Вардар, на местото каде што денес се наоѓа продавницата Борово. Изградил три куќи кои биле познати по својата убавина во градот, а многу видни гости кои доаѓале во градот отседнувале во овие куќи.

Велко Тошев имал 10 деца од кои останало само десеттото дете. Синот Панче Велков, по завршувањето на основното училиште, завршил занает - саатчија и имал дуќан уште за време на османлиското владеење. Во 1919 год. Велков се оженил со девојка од многу богата фамилија, доселена од Тетово.

Панче Велков постепено почнал да ја проширува својата работа. Во 1920 год. го купил хотелот "Палас", го урнал, го направил кејот, го парцелизирал плацот и направил куќа покрај Вардар која подоцна ја продал. Првиот саатчиски дуќан се наоѓал кај Железничката станица, а по Првата светска војна го преселил кај Народната банка, каде што дуќанот се запалил и повторно го префрлил на местото спроти театарот, кај дрвеното мовче. Артистите од театарот живееле во трите куќи на Велкови покрај Вардар. Семејството Велкови преставувало богато и угледно семејство со карактеристики на градски начин на живот.

Познатиот скопски производител и трговец со бои и лакови, Божиновски исто така живеел во ова маало.

Семејството Божиновски живеело во Еврејското маало, во пространа куќа со голем салон, соба за послуга и бања. Салонот бил со стилски мебел и многу слики, меѓу кои и од Цицо Поповиќ, подарок на Лела Божиновска за нејзиниот прв роденден. Куќата била изградена во 1938 год.

Vesnik.com

Поврзани

Најнови вести

Коментари