Че Гевара

Предавството и последните денови на Че Гевара

Нема политички лик, легенда слична на Че - обожаван од комунистите, мит кај западниот свет, меѓу Американците и Европјаните, но и Русите... само еден е тоа: Ернесто Че Гевара! Аргентинецот од Бунеос Аирес, Ернесто Гевара во 1953 дипломирал медицина и заминал во Мексико од каде што, со Фидел Кастро, ќе ја предводи револуцијата на Куба против Батиста.... и ќе влезе во легендите и митовите на современото време.

На фотографијата направена на 9 октомври 1967 година, само еден час пред да биде стрелан во боливиското село Ла Игуера, Че Гевара изгледа изнемоштено, нечисто и запуштено, облечен во партали, уништен лик на човек кој долго бил во џунглата. Фотографиран е додека до него стои Феликс Родригез, агент на ЦИА кој успешно го организирал ловот и апсењето на Че Гевара низ дивите шуми на Боливија.
По апсењето ЦИА побарала, а властите во Боливија прифатиле, Че да биде стрелан но, официјално, да се соопшти дека е убиен во борба за да нема судење. Од судењето се плашеле сите. САД дека ќе го навлече гневот од стотина народи меѓу кои Че Гевара веќе бил легенда; од Кастро - дека судењето ќе ја навлече Куба во заштита на Че по секоја цена и речиси сигурен политички и безбедносен ризик; со слични мотиви биле и властите во Москва која никогаш до крај не застанала зад револуционерот Че Гевара бидејќи премногу работел по свое... затоа и стрелањето се случило брзо по апсењето.

Шпионот на ЦИА кој го раководел апсењето, Феликс Родригез, побарал од егзекуторот да пука во телото, а не во главата на Че Гевара за да изгледа дека е убиен случајно, во борба. За стрелање, доброволно, се јавил наредникот Марио Теран. Феликс Родригез лично го довел Че Гевара до местото за стрелање. Родригез, години потоа, изјавувал дека на веста за стрелање Че пребледел, но не кажал ништо. Потоа, според него, додека го воделе на стрелање – Че рекол дека единствена грешка му била што дозволил да биде фатен жив.

Марио Теран бил пијан тој ден, пукал три пати. Првите два истрели завршиле во рака, и во нога, а дури треттиот бил смртоносен. Телото на Че Гевара, веднаш потоа, е ставено на дрвена табла и изложено пред новинарите и љубопитните граѓани кои дошле да видат дали Че Гевара е навистина мртов. Виделе - и се увериле.
Веднаш по егзекуцијата ЦИА и боливискиот диктатор Вариентос го закопале Че Гевара на непознато место. Дури триесет години потоа Фидел Кастро ќе го најде тоа место и, она што останало од Че, од Боливија ќе биде пренесено во Куба, каде во чест на Че Гевара ќе се изврши свечено погребано во Санта Клара.

Кој го предаде Ернесто Че Гевара на ЦИА и на војската на Боливија? Долго се сметало дека е тоа неговиот соборец, Аргентинецот Гиро Бустос.

Гиро Бустос бил сликар кој го запознал Че Гевара во 1963 година, четири години по револуцијата во Куба, и доаѓањето на Кастро и Че Гевара на власт. Бустос бил импресиониран од кубанската револуција, која ја сметал за најголем општествен настан во средна и Јужна Америка за врме на 20. век. За Че Гевара сметал дека е персонификација, икона на тие настани. А, навистина, по Кастро, Ернесто Че Гевара бил најмоќниот човек на Куба. Бил претседател на Националната банка, командант на Револуционерната армија и министер за економија и индустрија. Но, за Че Гевара функциите биле губење време во неговата намера, како што изјавувал, да создаде подобар свет за сите.

Во 1965 година се случува последниот во низата конфликти на Че Гевара со Москва но, овојпат, Кастро не му дава безрезервна поддршка како порано. Че Гевара решава да ја напушти Куба, и со дозвола на Кастро да замине за Боливија од каде што треба да организира револуционерни движења во Боливија и во околните држави, пред се во Аргентина. Заминува од Хавана со неколкумина соработници, и долго време никој за него не знае ништо. Првата година ја минал во Африка, во Конго, каде што не успева да воспостави револуционерно движење по што, разочаран, се враќа во Куба, а набргу потоа заминува за Боливија.

Гиро Бустос кој, исто како и Че Гевара, бил Аргентинец му е сопатник и соборец во намерите да организира револуција во Боливија и Аргентина. Во Ла Паз пристигануваат на 3 ноември 1966 година, со фалсификувани пасоши. За еден месец револуционерната група се шири, и брои повеќе од 50 луѓе, претежно домицилни Боливијци. Со Че Гевара и Гиро Бустос, заедно биле и Германката Тања Бунке и Французинот Режис Дебре, личен пријател на Фидел Кастро.

Токму појавата на левичарскиот активист Дебре во средината на 1967 година предизвикала негодување кај боливиските комунисти и нивниот лидер Марио Моње кој бил загрижен за своето лидерство и исплашен дека Кастро, Дебре и Че Гевара ќе му ја преземат партијата од рацете.

Накусо, Фидел Кастро го смирил дека Че Гевара е во Боливија привремено, на подготовки за акции во Аргентина но, откако се сретнал со групата на Че Гевара во нивниот камп на пречекот на Нова година, изворно дознал дека нивна прва цел е Боливија, а дури потоа Аргентина.

Марио Моње бил убеден дека успехот на кубанските револуционери во Боливија значи негов политички крај. Иницијативата за револуција не успеала. Боливиските комунисти и Марио Моње тивко го бојкотирале Че Гевара, а локалните селани имале недоверба кон странците што ги тераат во војна со властите. Дошло до конфликт и поделби меѓу Боливијците и Кубанците во герилската група на Че Гевара.

Германката Тања Бунке оди во Аргентина и кај Че го носи човекот за врска со Кастро, сликарот Гиро Бустос. На 1 февруари 1967 Че Гевара, со најлојалните герилци, го напуштаат логорот крај реката Нанканз и поаѓа на марш низ џунглата барајќи ново место за престој. Се загубиле во џунглата и едвај, по 48 дена талкање, се вратиле назад. Во меѓувреме неколкумина боливиски герилци дезертирале. Војската ги фатила додека на пазар се обидувале да го продадат оружјето, и од нив дознала детали за герилската група на Че.

Групата се распаѓа. незадоволен од развојот на настаните Че Гевара ја отстранува од логорот Германката Тања Бунке, за која ЦИА тврди дека била соработник на московската КГБ, и дека таа по налог на Москва го предала во рацете на ЦИА. Освен неа, го отстранува и Французинот Режис Дебре, кој по негово барање, заминува за Франција за да воспостави врска со Жан Пол Сартр и Бертранд Расел преку кои треба да се афирмира револуцијата во Боливија и потоа во Аргентина. Во логорот требало да останат Че Гевара и Гиро Бустос. Но, никој не оди никаде, се случува напад на боливиската војска во кој дел од групата е елиминиран, а запленет е џипот на германката Бунке, во кој е заробена и документација за групата и за помагачите.

На веста дека во Боливија пристигаат американски советници и војници, Че во својот дневник пишува: - Овде ќе се случи нов Вијетнам. Но, нема да биде така. На 19 април новинарот Џорџ Ендрју Рот успева да се пробие до логорот, и да направи разговор со Че Гевара. На одење, со надеж дека како маскирани европски новинари со лажни документи, заедно со Ендрју Рот, ќе успеат да стасаат до Ла Паз, логорот го напуштаат Гиро Бустос и Режис Дебре. Препознаени се, и фатени од боливиската војска.

Че останува без последната надеж за врска со Куба и со надворешниот свет. Уапсените се испрашувани, при што Бустос и Дебре признале се што знаат за герилците. Без да го знае ова, Че решава да ја подели групата на два дела, и да побара излез од џунглата.

Германката Тања Бунке, веќе болна, останува со едниот дел од групата и набргу умира. Че Гевара со група од десетина герилци очајно талка низ боливиската џунгла. Последните две недели се без нормална вода и храна, и преживуваат од случај до случај. На 8 октомври, по пријава на еден селанец, боливиската војска организира заседа, и во 13 часот и десет минути врши напад врз герилците. Че е ранет во нога. Уапсен е од боливискиот капетан Гери Прадо, по што е префрлен во зградата на училиштето во селото Ла Игуера, и испрашуван од офицери на ЦИА.

Утредента, на 9 октомври 1967 година, во 12 и 30 паѓа наредба за негово стрелање пред училишната зграда. Наредбата е извршена. Гиро Бустос и Режис Дебре се осудени на 30 години затвор, но по смена на власта во Боливија во 1970 година се ослободени. Аргентинецот Гиро Бустос емигрира во Скандинавија, а Режис Дебре се враќа во Франција, прави кариера како левичарски филозоф, и станува советник на францускиот претседател Митеран. Во 1968 италијанскиот издавач Фелтринели ја печати и објавува во милионски тираж легендарната фотографија на Алберто Кортас со ликот на Че Гевара со беретката и револуционерната петокрака.

Милиони студенти во Европа, во историската 1968, а и децениите потоа, ќе ја носат таа фотографија на која пишува - Че е жив!

(Д.П. Латас)

Најнови вести

Коментари